Турбулентната сезона за Работнички по се изгледа ќе заврши среќно бидејќи поранешниот шампион е многу блиску до опстанок во елитната конкуренција.
На две кола пред крајот на плејаутот, тимот од Центар има две победи предност пред Феникс и му треба уште еден триумф за да се спаси. Со малку среќа, оваа сезона можеше да има поинаков тек за Работнички, но тоа ќе биде лекција за сите во клубот. Тренерот Владимир Мирковски сезонава се соочи со многу проблеми во играчкиот кадар за на крајот, сепак, со само седум играчи, да ја оствари основната цел и да не дозволи Работнички да доживее тотален дебакл.
„Кошаркарскиот клуб Работнички не е само клуб, тоа е карактер, историја и инает. Да останеш со скратен ростер, да работиш во тишина кога сите други се откажуваат и сепак да создадеш тим што никој не може лесно да го скрши — тоа не е случајност. Тоа е дисциплина. Тоа е вера. Тоа е визија.
Овие момци покажаа дека името се брани со срце, не со буџет. Ако клубот продолжи по овој пат — со стабилност, со доверба во луѓето што ја носат приказната и со оваа работничка филозофија, враќањето таму каде што му е местото не е прашање ‘дали’, туку ‘кога’. А, кога ќе дојде тој момент — ќе биде заслужен“, вели Мирковски.
Во текот на викендот, Работнички ќе гостува во Куманово и со евентуална победа ќе може уште тогаш да го прослави опстанокот. Ако тоа не се случи, последната шанса ќе ја има в среда, против Ангели.


