Екипата на Бадел е прв финалист во плејофот од Првата женска кошаркарска лига откако во денешната „мајсторка“, во Македонска Каменица го совлада бранителот на титулата Баскет Кам со 61-59.
Иако домаќин, а и фаворит во оваа серија, Баскет Кам своето прво водство го имаше дури на три минути пред крајот на мечот (53-52), а највисокото изнесуваше два разлика. Бадел одлично отвори, водеше со 15-3 во првата четвртина и со мали осцилации ја одржуваше предност до финишот од натпреварот. Баскет Кам успеваше на периоди да се доближи, но Бадел имаше двоцифрена предност и во вториот квартал (30-20).
Притисокот на домаќинките вроди со плод на три минути пред крајот кога конечно ја презедоа предноста, а на 43 секунди пред крајот имаа 57-55. Фриман потоа се погрижи за израмнување, а важна улога во победата одигра Бошкова која изнуди лична грешка во напад од Димова. Клири го донесе Бадел во водство со 59-57, Димова израмни, а поените за победа ги постигна Фриман од линијата за слободни фрлања. Во клучниот напад Адамовска ја загуби топката, Панкова „украде“ и тоа беше знак за почеток на славјето на Бадел.
Фриман го предводеше победничкиот тим со 26 поени, Клири оствари дабл дабл со 13 поени и 10 скока, а двоцифрена беше и Чолакоска со 10 поени. Кај Баскет Кам, кој повторно беше без својата најдобра кошаркарска Ивана Кметовска, се истакнаа Максимовска со 18 поени, Адамовска со 15 и Димова со 13 поени и 16 скока.
Во финалето, Бадел ќе се сретне со подобриот од „мајсторката“ меѓу Крива Паланка и Вардар која се игра вечерва.


