Најдобрата екипа по лигашкиот дел од сезоната Крива Паланка ќе игра во финалето од плејофот во Првата женска кошаркарска лига, втора година по ред.
Во денешната „мајсторка“ на домашен терен, Крива Паланка го победи Вардар со 79-59 и против Бадел ќе се бори за својата прва шампионска титула и воопшто прв трофеј во историјата. За разлика од првиот меч во серијата, сега Крива Паланка не дозволи изненадување пред своите навивачи и доминантно стигна до уште еден голем успех.
Првото полувреме помина во релативно израмнета игра, а Крива Паланка го реши прашањето околу победникот во вториот дел. До средината на третиот период Вардар се одржуваше во игра и беше на само 5-6 поени негатива, а потоа почна финишот на домашниот тим. До крајот на таа четвртина Крива Паланка направи двоцифрена предност (51-41), а во последната, разликата воопшто не се симна на едноцифрена вредност.
Дајани Робинсон со 36 поени беше убедливо најдобар играч на мечот иако упати дури 31 шут, а се истакна и Грин со 18 поени и десет асистенции. Во тимот на Вардар, најдобра беше Милица Николиќ со 14 поени и 18 скока.
Крива Паланка ќе ја има предноста на домашниот терен во финалето со Бадел со кого одигра три меча сезонава и оствари две победи. Двете екипи победуваа на домашен терен во тие три натпревари.


