Како и Луксембург, македонската кошаркарска репрезентација ќе ја пречека Ирска во салата „Лазар Лечиќ“ во Градскиот парк во Скопје, во петтото коло од претквалификациите за Европското првенство во 2029 година.
Натпреварот се игра на 2 јули и со него Македонија може да го потврди пласманот во следната фаза од претквалификациите од каде ја делат милиметри. До мечот има уште повеќе од два месеца, но Кошаркарската федерација одлучи сега да ги пушти во продажба билетите за натпреварот, со цел заинтересираните да имаат доволно време да се снабдат со нив.
Цената изнесува 200 денари за сите трибини. По мечот против Ирска, на македонската репрезентација ќе ѝ остане само уште мечот со Луксембург кој се игра три дена подоцна на теренот на противникот.


