На коло пред крајот на лигашкиот дел од плејофот, јасно е дека ТФТ ќе го освои првото место. Пелистер вечерва го совлада МЗТ Скопје како гостин со 85-74 во последниот натпревар од четвртото коло и ги реши сите дилеми околу првото место пред полуфиналето.
Тимот од Битола ја потврди одличната форма во плејофот во кој има максимален ефект и иако натпреварот немаше никакво резултатско значење, одигра ангажирано и заслужено дојде до триумфот. Момците на Боро Даскаловски ги послужи и шутот, особено во првото полувреме во кое погодија девет тројки од 11 шута, но и во најтешките моменти знаеја да одиграат смирено и да се вратат во игра.
Шампионот одлично го отвори мечот, водеше со 13-1 по нешто повеќе од три минути игра и се чинеше дека лесно ќе дојде до победата. Сепак, Пелистер брзо се прегрупира и почна да ја топи високата негатива, за по една минута во вториот период да поведе со 22-21. По неколкуминутна израмнета игра, гостите се одлепуија на 41-33, а пред крајот на првото полувреме водеа и со 11 разлика (46-35).
МЗТ одлично го почна и вториот дел, заедно со крајот од првиот, направи серија од 14-0 за водство од 49-46. Пелистер успеа некако да застане на нозе, го одби ударот и до крајот на третиот период повторно направи предност, сега од 61-54. По две минути игра во последната четвртина беше 69-56, а потоа МЗТ се спаси од дебакл затоа што на нешто повеќе од три минути пред крајот Пелистер водеше со 83-62.
Дејвис со 18 поени го предводеше Пелистер, а репрезентативецот Андреј Митревски додаде 17. Кај МЗТ, Смит беше најефикасен со 19 поени, додека Гил оствари дабл дабл со 12 поени и 10 скока.
По овој натпревар, стана јасно дека последното коло и во плејофот и во плејаутот нема да има никакво резултатско значење. Познати се и двојките за полуфиналето, МЗТ Скопје ќе игра против Пелистер, а ТФТ со Маџари.


