Екипата на ТФТ денеска ќе се обиде да си го продолжи животот во АБА 2 лигата и да се избори за „мајсторка“ во финалната серија со Широки.
Лидерот на табелата во македонското кошаркарско првенство има настап за незаборав во регионалното натпреварување каде, спротивно на сите очекувања, стигна до финалето и се бори за титулата, а со тоа и за пласман во елитната дивизија. Тренерот Боро Смилковски ја нагласува важноста на вечерашниот меч (19 часот, Градски парк) и очекува борба до последната секунда.
„’Do or die“ натпревар за нас. Самата подготовка го акцентираше психолошкиот аспект и пристапот кон натпреварот. Во ограничено време за работа, успеавме да корегираме одредени тактички детали во насока на подобрување на перформансите. Го почитуваме противникот, но се почитуваме и себеси, важноста на натпреварот го става карактерот на тимот на тест – нешто што сум сигурен дека ќе го надминеме“, вели Смилковски.
Во случај на пораз, на што никој не размислува, ТФТ ќе игра бараж за пласман во АБА лигата против Борац.


