Некои уште го нарекуваат маалски клуб, а ТФТ упорно и неуморно го трасира својот пат кон кошаркарските височини.

Првата шанса за пласман во јадранската елита е испуштена, но сите во Тафталиџе знаат дека Боро Смилковски и компанија нема да застанат тука. ТФТ од ден на ден има се повеќе приврзаници и симпатизери, а нема некој во АБА 2 лигата и во АБА организацијата што не е полн со комплименти за овој навидум мал, но по душа огромен клуб. И тие што губат од ТФТ, се воодушевени од она што го прави, од начинот на кој функционира и од атмсферата која владее таму.

Има и такви кои тврдат дека е вештачки клуб, без навивачи, но уште кога играше во Втора лига, на трибините имаше стотици фанови, а вечерва уште еднаш се покажа дека таа констатација воопшто не е точна. ТФТ денеска ја наполни салата во Градски парк и имаше огромна поддршка, присутните доживеаја бура од емоции и не беа таму само како декор, туку реагираа на секој кош, на домашната или гостинската екипа.

Со настапите во БИБЛ, квалификациите за Лигата на шампионите и последните години во АБА 2, ТФТ го собира потребното искуство, знае како треба да функционира, а плодовите од тоа ќе бидат собрани многу скоро. Вака како што тргнал, само небото е граница за ТФТ.


