Хјустон Рокитс и натаму е во игра да стане прва екипа во историјата која поминала во следната фаза од плејофот по негатива од 0-3.
Тимот од Тексас ноќеска славеше на гостувањето кај Лос Анџелес Лејкерс со 99-93 и намали на 2-3 со тоа што шестиот натпревар го игра на домашен терен. Во последните два меча Лејкерс ја загубија свежината, данокот си го зема и скратениот ростер од претходните натпревари поради неиграњето на Дончиќ и Ривс (тој се врати ноќеска) и одеднаш оваа серија станува исклучително интересна. За волја на вистината и кај Хјустон не игра Кевин Дурант поради повреда, но овој тим има поширока лепеза играчи кои можат да го заменат на долг рок.
На петтиот натпревар, во центарот на вниманието беа прво Фини Смит, а потоа Рид Шепард. Особено се истакна Шепард кој освен тоа што постигна 12 поени, на околу три минути пред крајот, кога Лејкерс се доближија на само еден посед негатива, прво погоди значаен шут, а потоа му украде топка на Леброн Џејмс и поентираше во контранапад за +7 со што стави точка на сите надежи на домашниот тим.
Во победничката екипа цела стартна петорка беше двоцифрена, Џабари Смит постигна 22 поена, Исон 18, а Шенѓун заврши со 14 поени, девет скока и осум асистенции. Леброн Џејмс ги предводеше Лејкерс со 25 поени, Ривс на враќањето постигна 22, но без Лука Дончиќ до крајот на серијата, многу ќе му биде тешко на тимот од Лос Анџелес.
РЕЗУЛТАТИ
Детроит – Орландо 116-109 (2-3)
Кливленд – Торонто 125-120 (3-2)
ЛА Лејкерс – Хјустон 93-99 (3-2)


