Откако синоќа ја пропушти првата шанса, ТФТ по потешкиот пат ќе се обиде да обезбеди пласман во елитната дивизија на АБА.
Противник ќе му биде претпоследниот тим на табелата во АБА, Борац Чачак кој ќе ја има и предноста на домашниот терен, а исто како во финалето на АБА 2, ќе се игра до два добиени натпревари. Првиот меч е на програмата на 7 мај, на теренот на противникот, а вториот е три дена подоцна во Скопје, од 21 часот.
Евентуалната „мајсторка“, секако, е во Чачак, но терминот за тој натпревар дополнително ќе биде одреден.
Ова ќе биде вторпат македонски тим да игра бараж за пласман во АБА лигата. Во 2019 година МЗТ Скопје, тогаш предводен од Ѓорѓи Кочов, за малку не направи изненадување против Задар бидејќи направи брејк на првиот меч, а на вториот имаше голема предност, пред противникот да направи пресврт и да слави со 78-77. Во „мајсторката“ Задар беше подобар и обезбеди опстанок во елитната дивизија.


