Поранешниот вицешампион на Македонија, Пелистер со максимален ефект го заврши лигашкиот дел од плејофот во Суперлигата.
Откако во претходните две кола ги победи водечките две екипи ТФТ и МЗТ Скопје, денеска битолскиот тим на домашен терен беше подобар од Тиквеш, совладувајќи го со 100-93. Одамна беше јасно дека Пелистер ќе заврши на третото место и во полуфиналето ќе се сретне со МЗТ Скопје, но денеска потврди дека се наоѓа во одлична форма пред разврската во првенството.
Натпреварот немаше никакво резултатско значење за двете екипи, Тиквеш ги загуби сите дуели во плејофот, но кавадаречкиот тим веќе ги надмина сите амбиции со пласманот во топ-6. Освен тоа, на овој натпревар, како и на неколку претходни, беше ослабен, но и покрај тоа даде сериозен отпор и си замина со достоен пораз.
Вилсон го предводеше Пелистер со 29 поени и девет скока, Дејвис посигна 24, а Малешевиќ 18. Хоукинс беше најефикасен кај Тиквеш со 24 поени.


