Можеби Работнички немаше сезона за паметење, но тоа не важи за капитенот на овој тим Виктор Ефремовски.
Репрезентативецот покажа дека апсолутно созреал по една деценија играње во македонската кошаркарска елита и, заедно со Рикиќ, има најголема заслуга што Работнички се спаси од испаѓање. Освен тоа, Ефремовски постави некои граници и норми кои тешко ќе бидат надминати во иднина, а не биле видени ни во минатото.
Гостиварецот ја заврши сезоната како прв стрелец во лигата со просек од 22 поена. Низ неа имаше неколку спектакуларни изданија, пред се она против Маџари на враќањето на Работнички во Градски парк кога постигна 50 поени. Уште едно големо достигнување за Ефремовски од оваа сезона е фактот што постигна двоцифрен број поени на сите 26 натпревари на кои настапи. Не играше само против МКК Куманово во претпоследното коло поради повреда на задната ложа, а најслабиот ефект му беа 11 поени против Феникс во ноември. Не постои точна статистика од сите 35 сезони од македонското кошаркарско првенство, па затоа и не може со сигурност да се каже дали ваков подвиг имало досега.
Уште тројца кошаркари оваа сезона постигнаа двоцифрен број поени на сите свои одиграни натпревари: Девон Вашингтон од Кожув, Тери Армстронг од Маџари и Квинтон Минси од Тиквеш. Разликата меѓу нив и Ефремовски е што тие играа само по половина сезона во македонското првенство и настапија на многу помалку натпревари на своите екипи.


