Со пресврт во второто полувреме, Тренто успеа да дојде до победата на гостувањето кај Удине, совладувајќи го 76-69.
Натпреварот го одбележаа големите резултатски осцилации бидејќи во првата четвртина Тренто имаше +14 (27-13) за пред крајот на вториот период Удине да поведе со 44-37. Тренто го сврте резултатот повторно во своја корист кон средината на третиот квартал и повеќе не дозволи домашниот тим да се надева на победа.
Македонскиот репрезентативец Андреј Јакимовски на теренот помина 31 минута и за тој период постигна 12 поени со што беше втор стрелец на Тренто, зад Стјуард кој заврши со 15.
На коло пред крајот на основниот дел од сезоната, Тренто е само со теоретски шанси за пласман во плејофот. Заостанува една победа зад осмопласирансиот Варезе и има подобар биланс во меѓусебните дуели, но за да влезе во топ-8, треба во последното коло на домашен терен да ја победи Олимпија Милано, а Варезе да загуби на гости кај Виртус кој веќе го обезбеди првото место.


