Екипата на Крива Паланка поведе со 2-0 во финалната серија од плејофот во женската кошаркарска лига и ѝ недостасува само уште една победа за првата шампионска титула во својата историја.
По триумфот со 17 разлика во првиот, вечерва Крива Паланка славеше пред своите навивачи со 88-76, како доказ за доминацијата на овој тим во домашното првенство оваа сезона. Одлучувачко беше фуриозното прво полувреме кое кошаркарките на Крива Паланка го добија со 44-27, па во продолжение гостинските кошаркари не успеаја да се заканат.
Најмногу што успеа Бадел да се доближи до крајот на натпреварот беше на -9 (58-67), но следуваше уште една фурија, од 11-3 за водство од 78-61 со што беа решени сите дилеми околу победникот.
Најефикасна кај Крива Паланка беше Дајани Робинсон со 26 поени, но со лош шут од игра (10/22). Многу поголем придонес за победата имаше Ниехуес која постигна 19 поени, 18 скока и шест асистенции за индекс 40, како и Грин со 19 поени, 10 скока и седум асистенции, но таа имаше и 11 загубени топки. Кај Бадел се истакнаа Фримен со 27 поени и 11 скока, Клири со 23 поени и 12 скока и Ива Чолакоска со 15 поени и осум скока.
Серијата сега се сели во Скопје каде Бадел ќе биде домаќин на третиот и четвртиот (ако биде потребно) натпревар.


