По 27 кола од основниот дел на првенството и плејофот, денеска почнува полуфиналето од разигрувањето за титулата во македонското кошаркарско првенство.
Први на терен излегуваат ТФТ и Маџари кои вечерва од 20 часот во Градски парк го играат воведниот натпревар од нивната полуфинална серија. За ТФТ денешниот натпревар доаѓа меѓу финалето од АБА 2 и баражот за пласман во АБА 1, но секако ќе мора да ја заврши домашната работа пред да се насочи на обврските во регионалното натпреварување каде во период од три дена го очекуваат два меча.
Актуелниот вицешампион и најдобар тим во лигашкиот дел е фаворит во серијата со Маџари, но таа улога ќе мора да ја потврди и на терен. Кошаркарите на тимот од Тафталиџе имаа исклучително напорен распоред последниот месец во кој стигнаа до финалето на АБА 2 и играа натпревари на 2-3 дена. Колку тоа темпо може да влијае на формата и на игрите, ќе се види вечерва и во останатите натпревари од ова полуфинале.
Што се однесува до Маџари, дебитантот во елитната конкуренција не само што ги исполни, туку и далеку ги надмина амбициите од пред почетокот на сезоната бидејќи веројатно и во клубот не очекуваа во својата прва сезона во Суперлигата да стигнат до полуфиналето. Од тие причини, најпријатното изненадување во првенството може да игра апсолутно растоварено, а во такви услови ќе биде уште поопасен.
ТФТ и Маџари сезоната три пати се сретнаа меѓу себе и трите натпревари ги доби тимот од Тафталиџе. Сепак, на двата меча на кои ТФТ беше домаќин, резултатот беше тесен и лидерот победи со еден посед разлика (85-82 и 79-76).
Втората полуфинална серија од плејофот почнува в среда, а во неа се среќаваат шампионот МЗТ Скопје и Пелистер.


