Вицешампионот на Македонија, ТФТ денеска го пречекува Маџари во првиот меч од полуфиналето на плејофот.
Во неделата кога го очекува двомеч со Борац Чачак во баражот за пласман во АБА лигата, „црно-белите“ имаат обврска да ја оправдаат фаворитската улога во оваа серија и да го направат првиот чекор кон финалето од домашното првенство. Тренерот Боро Смилковски е свесен дека нема да биде лесно и од своите играчи бара да бидат максимално сконцентрирани на она што ги очекува денеска.
„Маџари е противник со кој веќе три пати игравме сезонава, во рамките на првенството. Имаме три победи, но сите три меча изобилуваа со резултатски пресврти и Маџари се покажа како нималку наивен противник. Станува збор за екипа која е пријатно изненадување во македонската кошарка оваа сезона и пласманот во плејофот е голем успех за нив, но секако дека си имаат свои амбиции, исто како и нив.
Што се однесува до нас, ние би сакале да одиме чекор подалеку од лани, можеби и освојување на шампионската титула. Потребен ни е апсолутно сериозен пристап и да не бидеме со мислите во двомечот од АБА лигата, туку да бидеме присутни во моментот, да ја завршивме прво работата во домашниот шампионат. Ја преземаме фаворитската улога, имаме повеќе искуство низ годините од плејоф натпреварите и ќе дадеме се што е во наша можност да дојдеме до победа пред двомечот со Борац“, рече Смилковски.
Натпреварот меѓу ТФТ и Маџари се игра од 20 часот во салата во Градски парк.


