Дебитантот во Суперлигата, Маџари оствари сензационална победа и поведе со 1-0 во полуфиналната серија со ТФТ откако вечерва како гостин славеше со 84-82 по продолжение.
Иако без никакво искуство на вакви натпревари, кошаркарите на Маџари одиграа максимално квалитетно и смирено во клучните моменти и заслужено стигнаа до почетното водство. Не се исплашија ни кога ТФТ направи серија од 13-0 и го сврте резултатот во своја корист, поведувајќи со осум разлика и во драматичниот финиш ја исполнија својата цел.
Маџари го презеде водството кон средината на првата четвртина и не го испушти до крајот на првото полувреме со тоа што имаа предност и од девет поени разлика. ТФТ успеа да се избори за минимална негатива на голем одмор (34-35), а на средината на третиот период поведе со највисоки 50-42.
И тука Маџари не се предаде, продолжи во свој стил, па по серијата од 10-0 меѓу третата и последната четвртина, поведе со 62-56. Се чинеше дека се е готово кога на три минути пред крајот кога со 2+1 на Грин, гостите отидоа на огромни +11 (73-62), но драмата тукушто почнуваше. До крајот, Маџари не постигна ниеден поен, а ТФТ благодарение на Говенс кој реализира 11 поени по ред, вклучувајќи три тројки, успеа да ја стопи негативата и да се избори за дополнителни пет минути.
Во нив се играше кош за кош, се до последната минута домаќините не искористија два напада при негатива од еден поен. Имаа шанса и кога Димчевски промаши едно од двете слободни фрлања на шест секунди пред крајот, но не се разбраа при додавањата и пропадна последната шанса.
Грин со 19 поени и девет асистенции беше најдобар кај Маџари, Левис постигна 18, а Армстронг 17. Говенс го предводеше ТФТ со 28 поени, но само уште Ташовски беше двоцифрен, со 19.
Вториот натпревар во серијата се игра на 12 мај на теренот на Маџари, дотогаш ТФТ има два меча во баражот за пласман во АБА лигата со Борац и нема друг избор, освен победа ако сака да остане во игра за уште едно финале оваа сезона.


