Откако пред два дена ТФТ и Маџари го отворија полуфиналето, вечерва од 19 часот, својот прв натпревар ќе го одиграат и МЗТ Скопје и Пелистер.
На хартија, тоа е дуел кој требаше да понуди поголема неизвесност, но прашање е дали е возможно такво нешто по она што беше видено во Градски парк во понеделникот, кога победникот беше решаван по продолжение. Сепак, интересни се ситуацијата и моментот во кои МЗТ и Пелистер влегуваат во новата меѓусебна пресметка.
Битолчани беа единствени со максимален ефект во лигашкиот дел од плејофот што не се одрази на пласманот на табелата, но секако испрати порака до ривалите за тоа во каква форма се наѓа тимот. Меѓу другото, го победи и МЗТ Скопје минатата недела во „Јане Сандански“ и тоа прилично убедливо и со сигурна игра. Од друга страна, шампионот играше променливо во плејофот, два од трите пораза оваа сезона (не сметајќи го службениот од Ангели), ги доживеа во таа фаза и тоа даде впечаток дека МЗТ Скопје е во мала играчка и резултатска криза. Освен тоа, Васко Атанасов се соочи со големи проблеми со повредени играчи, а до крајот на сезоната нема да може да смета на репрезентативецот Андреј Магдевски.
Но, тоа што се случуваше досега останува во минатото. Денеска и до крајот на оваа серија ќе се види вистинската сила на МЗТ Скопје и Пелистер – дали шампионот навистина е во резултатска криза и дали битолскиот тим ја темпирал формата за овој дел од првенството, кога ќе се одлучува за шампионската титула.
Пелистер има само две победи на последните десет пресметки со МЗТ Скопје, но интересно е тоа што две од трите победи во меѓусебните дуели ги оствари во „Јане Сандански“.


