Откако лани стигна до 18, претстојната сезона АБА лигата најверојатно ќе брои 20 клуба, најави денеска директорот на организацијата Милија Војиновиќ.
Тоа беше целта и минатата година, но раководството и членовите на Здружението одлучија проширувањето да се одвива постапно. Одамна имаше најави словачкиот Слован е заинтересиран за влез во АБА, додека вториот нов член дополнително ќе биде одреден.
„Постои голем интерес за учество во АБА лигата од различни страни, а тоа е доказ за важноста и квалитетот на ова натпреварување. Она што сега е сигурно е дека ќе имаме проширување на лигата на 20 клуба, бидејќи сме во завршни преговори во врска со вајлд картата за учество на Слован Братислава. Ова е исклучително интересен и амбициозен проект, финансиски стабилен и во деловна смисла исклучително професионално управуван. Сè уште има едно слободно место, има неколку кандидати, а конечната одлука и последниот збор за сето ова, како и досега, ќе го дадат членовите на Собранието, односно клубовите кои се ко-сопственици на лигата“, рече Војиновиќ.
Интерес за влез во АБА лигата има и од унгарски и грчки клубови, но одлуката ќе биде донесена до крајот на оваа сезона.


