Откако ја пропушти првата шанса против Широки, вицешампионот на Македонија, ТФТ ќе има уште една, потешка можност да избори пласман во елитната дивизија на АБА.
Противник ќе му биде култниот српски тим Борац од Чачак, клуб со долга традиција и кој од 2021 година константно игра во АБА лигата иако ова ќе му биде трет бараж во кој ќе учествува. Во 2022 беше подобар од Златибор со 2-0, а една година подоцна од Хелиос со 2-1. Оваа сезона ја заврши со биланс од осум победи и 18 порази, но и во таква ситуација ќе биде фаворит во серијата со ТФТ.
Македонскиот клуб игра историска сезона, но напорниот ритам, згуснатиот распоред и релативно краткиот ростер придонесоа да влезе во серија лоши резултати. Доказ за тоа се петте порази во последните шест меча во сите натпреварувања, но и Борац не може да се пофали со нешто подобро бидејќи има само една победа на последните осум натпревари. Секако дека конкуренцијата на тимот од Чачак беше далеку посилна, но не смее да се занемари фактот дека оваа екипа во последните три месеци одигра само девет натпревари, колку што ТФТ има само во последните 25 дена.
Костурот на Борац го сочинуваат српски кошаркари, странец е само Американецот, Џошуа Пјер Луис, а во тимот има тројца кошаркари родени 2008 и еден 2007 година. Од поискусните, тука се Марко Јошило кој има долго АБА искуство, Стефан Фундиќ, уште еден кошаркар кој им е добро познат на сите во ТФТ и поранешниот играч на Црвена Звезда и Дубаи, Алекса Ускоковиќ кој е можеби и најдобар во овој состав.
Во ТФТ се свесни дека мораат да одиграат најдобро што можат за да направат изненадување вечерва, а добро знаат како оди тоа, по победите против Златибор и Сутјеска на гостински терен. Вечерашниот натпревар се игра во Чачак од 20:30 часот, а реваншот е в недела во Скопје.


