По пауза од четири години, еден од најголемите кошаркарски центри во Македонија, Струмица повторно ќе има член во елитната дивизија.
Екипата на Струмица во „мајсторката“ на домашен терен го победи Бутел со 81-76 и со 2-1 го доби финалето од прволигашкиот плејоф. Со тоа, Струмица обезбеди пласман во Суперлигата, на задоволство на илјадниците вљубеници во кошарката во градот кој ги даде Владо Илиевски, Димитар Мираковски и уште цела плејада кошаркари кои настапуваа и за сениорската репрезентација на Македонија.
Најзаслужен за победата на Струмица беше репрезентативецот Димитар Пандев кој во решавачкиот натпревар постигна 30 поени, го следеа Александровски со 17 и Јовановиќ со 11. Кај Бутел, најефикасен беше Мартиноски со 15 поени.
Струмица е единствената екипа што обезбеди пласман во Суперлигата од Првата лига бидејќи пред почетокот на сезонава, Кошаркарската федерација одлучи да ја скрати елитната дивизија од 12 на десет члена. Во понизок ранг се селат Ангели, Гостивар и Феникс.


