Екипата на Пелистер израмни на 1-1 во полуфиналната серија од домашниот плејоф откако вечерва на домашен терен го совлада МЗТ Скопје со 81-76.
Битолчани заслужено дојдоа до триумфот бидејќи беа во водство во најголем дел од мечот, но малку недостасуваше да испушти голема предност и да доживее пораз со што ќе ставеше крај на сите надежи за пласман во финалето. МЗТ Скопје во финишот се закани со голем пресврт, но не успеа да го направи финалниот чекор.
Голем чекор кон победата Пелистер направи во втората четвртина која ја одигра одлично и ја доби со 28-16, па заедно со минималната предност од првиот период направи предност од 13 разлика. Највисокото водство домаќините го имаа во втората минута од третата четвртина кога по тројката на Џенкинс отидоа на +15 (51-36), но тука застанаа. МЗТ Скопје полека почна да ја топи негативата и на две минути пред крајот на кварталот, со кошот на Танасковиќ израмни на 58-58.
Ама и шампионот тука застана, со серија од 10-0, Пелистер повторно отиде на двоцифрена предност. На 17 секунди пред крајот, тимот од Аеродром се доближи на еден посед негатива (76-79), ама Митревски од линијата за слободни фрлања стави крај на сите дилеми.
Џенкинс со 31 поен беше најефикасен во победничкиот тим, Дејвис постигна 15, а Вилсон 12. Танасковиќ со 22 поена го предводеше МЗТ Скопје за кого Војдан Стојановски додаде 17. Третиот и одлучувачки натпревар ќе се игра на теренот на МЗТ Скопје, а терминот дополнително ќе биде одреден.


