Чешкиот интернационалец Јан Весели официјално објави дека ќе се пензионира од професионалната кошарка на крајот од сезоната 2025/26, а неговиот клуб Барселона ја потврди одлуката.
Поранешниот НБА играч, кој неодамна наполни 36 години, ја напушта кошарката како еден од најуспешните центри во модерната историја на Евролигата. Во емотивна порака на Инстаграм, Весели се осврна на својата долга кариера низ Европа:
„По многу незаборавни години, дојде време да затворам едно поглавје во мојата кошаркарска приказна. Од Белград, преку Истанбул до Барселона, имав привилегија да учествувам во бројни битки, со извонредни соиграчи, тренери, најлојални навивачи, многу победи и тешки порази, бура од емоции и збирка спомени што ќе ги носам засекогаш.
Дадов сè од себе за оваа игра, а таа ми даде уште повеќе за возврат. Си заминувам со благодарност и гордост. Имаме уште два месеца борба во АЦБ лигата и мојот целосен фокус е таму до последниот натпревар. А од септември, се гледаме од трибините!“.
Весели ја почна кариерата во родната Чешка, во 2007 се пресели во Слован од Љубљана, а потоа играше уште за Партизан, Вашингтон Визардс, Денвер Нагетс, Фенербахче и Барселона чиј член е од 2022 година. Има титула во Евролигата, освоена со Фенербахче во 2017 година и едно МВП признание од истото натпреварување, две години подоцна.


