Вечерва од 21 часот во Маџари се игра вториот натпревар од полуфиналната серија во домашниот плејоф, меѓу истоимениот тим и ТФТ.
Маџари води со 1-0 откако минатата недела славеше како гостин во Градски парк и вечерва има голема шанса да ја комплетира сензационалната сезона со пласман во големото финале. Од друга страна, ТФТ нема право на кикс бидејќи блескавата сезона во која заврши како првопласиран по лигашкиот дел и потоа стигна до финалето на АБА 2 може неславно да заврши.
Домаќинот на вечерашниот меч е во нешто поповолна ситуација бидејќи имаше осум дена одмор, додека ТФТ во овој период имаше два дуела со Борац во баражот за АБА лигата од кои еден во Чачак. Големиот замор кај кошаркарите од Тафталиџе кои од почетокот на април одиграа 18 натпревари, може да има клучна улога во епилогот на оваа серија, покрај тоа што Маџари има сериозен тим, способен за највисоки дострели.
Сезонава Маџари и ТФТ одиграа четири меѓусебни дуели, три од нив завршија со победи на вицешампионот, но само една од нив беше убедлива.


