Евентуалниот кам-бек на Предраг Даниловиќ на функцијата претседател на Партизан би можело да биде клучен услов за враќањето на Жељко Обрадовиќ во белградскиот клуб.
Според српските медиуми, Даниловиќ има намера повторно да атакува на челната позиција на црно-белите по истекот на мандатот на сегашниот претседател Остоја Мијаиловиќ, чиј договор е до крајот на годината. Токму евентуална промена во раководството би можела да отвори врата за враќање на најтрофејниот европски тренер.
Односите меѓу Обрадовиќ и Мијаиловиќ се сериозно нарушени, поради што враќањето на трофејниот стручњак се смета за практично невозможно во сегашните околности. Сепак, во Србија наведуваат дека Обрадовиќ сака да се врати во Партизан, но дека условите за такво нешто би биле исполнети само ако Даниловиќ повторно стане прв човек на клубот.
Исто така, се додава дека враќањето не е реално од следната сезона, бидејќи тимот е веќе формиран за претстојниот период, па затоа евентуално сценарио може да се разгледува само на долг рок.
Покрај Обрадовиќ, во контекст на иднината на клубот се споменува и Александар Ѓорѓевиќ како потенцијално решение за клупата на црно-белите.


