Македонскиот репрезентативец Ти Џеј Шортс цела сезона е на удар на својот тренер во Панатинаикос, Ергин Атаман, а исклучок не беше ни синоќешниот клучен натпревар за пласман на Ф4 од Евролигата.
Плејмејкерот беше дел од стартната петорка, но Атаман очигледно не беше задоволен од него и во својата изјава на крајот од првото полувреме повторно го потенцираше Шортс како главен фактор за негативата, тогаш од десет разлика.
Ergin Ataman:
"We'll use Toliopoulos more on offense, when TJ [Shorts] played…. we attacked 4 against 5 with him" pic.twitter.com/YlEffRkExg
— Eurohoops (@Eurohoopsnet) May 13, 2026
„Во второто полувреме повеќе ќе го користам Толиопулос бидејќи кога игра Шортс, во нападот сме четири на пет“, рече тогаш Атаман.
Репрезентативецот на Македонија на теренот помина помалку од шест минути, за тоа време шутна само еднаш и тоа за тројка, оствари и еден скок и имаше индекс -1, а во второто полувреме воопшто не влезе во игра. Притисокот што го чувствува Шортс од својот тренер цела сезона се гледа и на паркетот и тој е далеку од она што го покажуваше во Париз минатата сезона. Атаман вети дека ќе си поднесе оставка ако Панатинаикос сезонава не ја освои титулата во Евролигата, па сега сите чекаат дали ќе го исполни ветувањето. Од тоа веројатно зависи и дали Шортс идната сезона ќе остане во Атина.
Изјавата на Атаман наиде на критики од навивачите на Панатинаикос, но и од сопственикот на Хапоел Тел Авив кој на социјалните мрежи напиша дека тоа што го кажал турскиот стручњак е срамно и без респект. Фановите, пак, сметаат дека причина за лошата сезона на ПАО е тоа што Шортс не играл по 30 минути на натпревар.


