Веројатно никој пред почетокот на сезоната не можеше ни да замисли, ни да прогнозира дека во финалето ќе се сретнат екипите на МЗТ Скопје и Маџари.
За шампионот секако не е изненадување што 14. пат по ред и 20. во историјата ќе игра во финалната серија, но Маџари не се вклопуваше во ниедна прогноза. Такво нешто особено не можеше да се замисли по првите четири кола во кои тимот од најисточната скопска населба доживеа исто толку порази, иако тесни.
Маџари потоа се прегрупира, направи неколку изненадувања и оствари сенационален резултат, невиден во македонската кошарка бидејќи ниеден дебитант (со исклучок на првата сезона 1992/93), досега не успеал да стигне до финалето. Интересно е тоа што оваа сезона ќе заврши со истата двојка со која што почна. На 3 октомври 2025 година, МЗТ Скопје и Маџари го отворија првенството со меѓусебниот дуел во „Јане Сандански“, во рамките на првото коло. На аеродромци им беше потребно време за да се подготват за првиот меч од АБА 2 лигата против Вршац и затоа натпреварот со Маџари се играше ден пред останатите.
Тогаш МЗТ победи со 77-70 во меч во кој Маџари имаше своја шанса да направи сензација. Сепак, никој не го сфати сериозно дебитантот и можеби тоа им се одби од глава на сите. Излегува дека својот прв натпревар во елитата Маџари го одигра против МЗТ Скопје и првиот меч во финале од плејофот повторно ќе го игра со истиот ривал.


