Маџари е апсолутна сензација во македонската кошарка оваа сезона откако во дебитантското учество во елитната конкуренција прво влезе во топ-6, па во полуфиналето и на крајот во серијата за титулата.
Тоа е прв клуб во историјата (ако не се смета првата година) кој во својата дебитантска сезона успеал да стигне до финалето и веројатно ќе помине многу време додека ова достигнување биде израмнето или надминато. Екипата од источната скопска населба носи со себе многу куриозитети, како тоа што го има најмладиот тренер во лигата во Миодраг Тодоровиќ, но и еден од највозрасните кошаркари и поранешен член на македонската репрезентација Ивица Димчевски.
Своевремено еден од најголемите таленти во македонската кошарка, Димчевски само тешките повреди на колената го спречија да направи блескава кариера, можеби и во странство. Со убиствен шут од дистанца, играч кој можеше без проблем да постигне по 20-30 поени на натпревар, повредите му дојдоа во најубавите години, кога беше во најдобра форма. Поради нив пропушти речиси две сезони, додека играше во Куманово, но тие го спречија да го извади најдоброто од себе.
Сепак, Димчевски не се предаде, со Работнички освои трофеј во Купот на Македонија, играше и во Кожув, Струмица, Гостивар, Еуроникел и Феникс пред лани да се пресели во Маџари, уште кога тимот беше во Втора лига. Како лидер на соблекувалната, го однесе во елитната конкуренција, а сега делува како „тренер на теренот“ и коректор на своите соиграчи.
Димчевски е доказ дека упорноста секогаш се исплаќа и на безмалку 37 години тој првпат во кариерата ќе игра во финале од домашниот плејоф. Противникот не е нималку наивен, актуелниот шампион МЗТ Скопје, но членот на славната „литванска“ генерација на македонската репрезентација која во 2011 година го освои четвртото место на Европското првенство, има уште многу да покаже во домашната кошарка.


