Со денешниот дуел во „Јане Сандански“ од 20:30 часот, официјално почнува финалната серија во кошаркарската Суперлига на Македонија.
МЗТ Скопје ја брани титулата, а предизвикувач е убедливо најголемото изненадување од осамостојувањето на Македонија – Маџари. Дебитантот во елитната конкуренција и клуб кој пред само три години се врати на кошаркарската сцена во Македонија, во полуфиналето го елиминира најдобриот тим од основниот дел на сезоната ТФТ и оствари историски успех со пласманот во големото финале.
Токму тоа ќе биде ѕвездата-водилка на Маџари и во серијата за титулата бидејќи е јасно дека МЗТ Скопје е апсолутен фаворит за нејзино освојување. МЗТ Скопје има прекалени борци во своите редови и иако во серијата ќе го нема Бојан Крстевски поради тешка повреда, аеродромци поседуваат доволен фонд кошаркари за во секој момент да ја имаат контролата над играта и резултатот. Маџари делумно и му заврши голема работа на МЗТ Скопје бидејќи го елиминира ТФТ, тимот кој колабира пред крајот на сезоната, но изгледаше дека е единствен што може да му се спротивстави на шампионот и, евентуално, да го симне од тронот.
МЗТ Скопје во ова финале има шанса уште повеќе да се доближи до Работнички бидејќи може да ја освои 13. шампионска титула и да се доближи на само две од својот најголем ривал.
Финалето се игра до три победи, првите два меча се на теренот на МЗТ Скопје, денеска и в среда, а третиот и евентуалниот четврти меч во Маџари. Новиот шампион може да биде познат најрано на 23 мај, односно идната сабота.


