МЗТ Скопје и Маџари се соочија со проблеми поради повредени играчи во пресрет на почетокот на финалната серија од домашниот плејоф.
Шампионот речиси цела сезона се мачи со вакви неволји, се изредија безмалку сите кошаркари, а за Андреј Магдевски уште во март заврши сезоната поради повреда на коленото. Минатата недела аеродромци останаа и без ветеранот Бојан Крстевски кој го сврти прстот на раката и не играше на вториот и третиот меч со Пелистер, а ќе ја пропушти и цела серија против Маџари. Присуството на Крстевски секогаш е од големо значење за тимот, тој имаше огромен придонес во освојувањето на претходните пет титули, но неодамнешното враќање на Маслинко значи дека има кој да го замени 37-годишниот центар.
И тимот од Гази Баба се соочува со проблеми. Ќе го нема еден од најдобрите и најстандарден оваа сезона во тимот, плејмејкерот Џавон Грин кој се повреди во раната фаза од вториот дуел со ТФТ. Досега Американецот ги одигра сите 29 натпревари и беше трет стрелец во тимот со просек од 15,5 поени, плус 5,2 скока и 4,6 асистенции.


