Андреј Шошкиќ идната сезона ќе добие друштво во првата дивизија на НЦАА откако денеска Теодор Симиќ официјално се обврза на тим во оваа конкуренција.
Најперспективниот центар во земјава е нов член на Универзитетот Тексас Арлингтон каде ќе настапува претстојната сезона. Екипата на Маверикс се натпреварува во Вестерн Атлетик дивизијата и последната сезона го освои третото место со биланс 18/14. Универзитетот се наоѓа во градот Арлингтон во Тексас, а кошаркарскиот тим настапува во арена со капацитет од 7.000 гледачи.
„По настапите во Барселона, потоа и во македонското првенство, сметам дека го стекнав неопходното искуство и дека сум подготвен за нова фаза во кариерата. Благодарен сум на сите во Кожув каде играв последната сезона, мислам дека забележав голем напредок во играта и се надевам дека ќе продолжам во ист стил и во САД“, изјави 22-годишниот Симиќ.
НЦАА лигата последните три години се отвори за професионални кошаркари, платите на играчите се дури и над Евролигата и се поголем е бројот на европјани кои одлучија да продолжат таму. Симиќ последната сезона беше стартен центар во Кожув за кого одигра 27 натпревари со просек од 10 поени и 6,9 скока.


