Екипата на Партизан поведе со 1-0 во полуфиналето од АБА лигата откако вечерва на домашен терен ја совлада Црвена Звезда со 100-94.
Иако натпреварот помина во знакот на „црно-белите“, малку недостасуваше бранителот на титулата да доживее епска бламажа. На почетокот од последната четвртина, Партизан имаше дури 20 поени предност (79-59), за на помалку од минута до крајот, Звезда да се доближи на само еден поен негатива.
Во клучните моменти на сцена стапија Карлик Џонс кој погоди две слободни фрлања и Двејн Вашингтон со 2+1 и Партизан направи предност која му беше доволна за првиот поен во полуфиналето. Вашингтон можеше да биде трагичар бидејќи додека траеше серијата на Звезда направи еден фаул во напад и загуби топка, но се спаси со клучниот кош.
На крајот, тој беше најефикасен кај Партизан со 22 поена, додека Нвора ја предводеше Црвена Звезда со 31 поен. Вториот меч од серијата се игра в четврток и тогаш Звезда ќе биде домаќин, а пласман во финалето ќе обезбеди тимот што прв ќе стигне до две победи.


