По само половина сезона, трофејниот каталонски стручњак Чави Пасквал одлучи да ја напушти Барселона и покрај тоа што менаџментот на клубот во него гледаше лидер на долгорочен проект.
Пасквал веќе ги информирал челниците дека си заминува, а од идната сезона најверојатно ќе го води Дубаи кој исто така гради тим што ќе атакува на титулата во Евролигата. Наводно, искусниот стручњак се налутил затоа што од Барселона почнале преговори со тренерот на Уникаха иако оттаму само се подготвувале, односно гледаче резервна варијанта за евентуален отказ на Пасквал.

Во исто време со најавеното заминување на Пасквал, медиумите во Каталонија објавија дека Барселона го договорила најдобриот стрелец во историјата на Евролигата, Мајк Џејмс. Искусниот плејмејкер цела година води војна со сите во Монако, а неодамна објави дека си заминува од клубот, по пет години поминати во него.
Иако е најдобар стрелец во историјата, Џејмс нема титула во Евролигата, а пред две години беше прогласен за МВП на основниот дел од сезоната. Оваа натпреварувачка кампања, на 39 натпревари, просечно постигнуваше по 16,4 поени, 6,4 асистенции и 3,5 скока.


