Откако во неделата МЗТ Скопје поведе со 1-0 во финалната серија од домашниот плејоф, денеска на програмата е вториот меч меѓу актуелниот шампион и предизвикувачот Маџари.
Пред своите навивачи, клубот од Аеродром ќе се обиде да дојде до убедливо, можеби и решавачко водство, додека Маџари има втора шанса да направи сензационален брејк и да ја пролонгира серијата. Како и во првиот меч, јасно е кој е фаворит, но исто така е јасно дека Маџари повторно нема евтино да ја продаде кожата.
Повторно двете екипи ќе бидат некомплетни и така ќе остане до крајот на серијата бидејќи кај МЗТ ќе недостасуваат Магдевски и Крстевски, а Маџари ќе игра без Грин. Сепак, шампионот има далеку поголема клупа и поширок ростер, па кај него и помалку се чувствува хендикепот и покрај тоа што Маџари даде силен отпор на првиот натпревар и имаше свои шанси за брејк.
Вториот натпревар се игра вечерва од 18 часот во „Јане Сандански“, а ќе почне со минута молк, во чест на починатиот навивач на МЗТ Скопје, Симеон Анастасов.
Еден час претходно во Битола почнува вториот натпревар од серијата за третото место во кој Пелистер го пречекува ТФТ, со водство од 1-0. Ако победи, Пелистер ќе го освои бронзениот медал и за овие два тима официјално ќе заврши сезоната.


