МЗТ Скопје поведе со 2-0 во финалната серија од домашниот плејоф откако вечерва на домашен терен го совлада предизвикувачот Маџари со 81-76.
Иако првото полувреме навестуваше рутинска игра и победа на аеродромци, мечот се претвори во драма во последната четвртина која помина во нервозна игра на двете страни. Во последните десет минути имаше дури пет технички грешки од кои четири за Маџари, а во текот на целиот меч беа досудени и четири неспортски фаули, како последица на што тренерот на Маџари, Миодраг Тодоровиќ и играчот на МЗТ Скопје, Илајџа Мекејден не го дочекаа крајот на натпреварот.
Шампионот одигра доминантни три четвртини во кои ја имаше контролата над резултатот и во финишот од првото полувреме водеше со дури 18 поени разлика (44-26). Маџари се симна на едноцифрена негатива дури пред крајот на третиот период (51-60), но никој не сметаше дека тоа би можело да значи почеток на пресврт. По тројката на Димчевски и положувањето на Армстронг, гостите се доближија на само три поени негатива (76-79), имаа и напад за израмнување, но Димчевски беше непрецизен, па Петков од линијата за слободни фрлања стави точка на мечот.
Смит беше најефикасен со 19 поени, а само уште Војдан Стојановски беше двоцифрен, со 18. Луис го предводеше Маџари со 25 поени, а Армстронг додаде 17. Третиот натпревар од серијата се игра на теренот на Маџари в сабота и тогаш МЗТ ќе ја има првата шанса за 13. шампионска титула.


