По неколкучасовно заседавање, грчката полиција одлучи да воведе ригорозни безбедносни мерки во Атина за време на финалниот турнир во Евролигата.
За да се заштитат граѓаните и клупските експедиции, официјално се забранети сите јавни собири на отворено, како и организираните навивачки поворки со автомобили и мотоцикли во самиот центар на градот. Оваа забрана стапи на сила утринава во 06:00 часот, и ќе трае до понеделник, 25 мај во исто време, а ќе вклучува строго дефиниран безбедносен прстен на централните улици на Атина.
Проценката на безбедносните служби покажува дека поради огромниот прилив на навивачи, секое масовно собирање или ненадејно движење на групи може да предизвика сериозни улични судири и колапс на сообраќајот, поради што властите нагласија дека поблагите мерки во моментов не се доволни за одржување на општата безбедност и нормалното функционирање на главниот град.
Фајнал форот започнува утре со полуфиналните натпревари меѓу Реал Мадрид и Валенсија и Олимпијакос и Фенербахче. Натпреварите ќе се играат на ОАКА Арената.


