Последните 15-тина години, МЗТ Скопје е доминантна сила во македонска кошарка, а сега е на прагот да го освои 13. шампионски трофеј во домашното првенство.
Во финалната серија против Маџари, бранителот на титулата води со 2-0 и има три меч-топки за ново славје. Тоа може да се случи веќе в сабота кога е на програмата третиот натпревар од серијата, прв на теренот на Маџари.
Ако успее да слави МЗТ Скопје, тоа ќе биде петти пат во последните седум години да триумфира со 3-0 во финалните серии. Од 2019 година, кога ја почна втората низа титули, тимот од Аеродром има само два пораза во финалињата: еден од Пелистер во 2022 и еден од ТФТ лани. Таква доминација немаше ниту Работнички во првите години од осамостојувањето бидејќи четири од своите први седум титули освои по „мајсторки“: во 1994 (4-3), 1995 (3-2), 1998 (3-2) и 1999 (3-2). Секако, тогаш и лигата беше посилна, а и останатите екипи во првенството имаа поголем квалитет Работнички има четири титули без загубен натпревар во финалето, додека МЗТ до овој момент има седум, со можност и осми пат да слави на тој начин.
Откако МЗТ Скопје ја презеде палката во македонското кошаркарско првенство, најдраматично беше во 2017 година кога во серијата против Карпош Соколи се играа пет натпревари и аеродромци славеа со 3-2. Тоа е и единствен пат МЗТ да играл „мајсторка“ во финалните серии од домашното кошаркарско првенство.


