Реал Мадрид синоќа обезбеди пласман во финалето на Евролигата – осмо за него во последните 13 години.
Како најтрофеен тим во Европа, јасно е дека мадридскиот колектив нема да биде аутсајдер против Олимпијакос. Сепак, една околност не е во корист на шпанскиот тим – ќе мора да игра без центар.
Само 23 дена претходно, тренерот Серџо Скариоло имаше на располагање три многу добри центри. Првиот што се повреди беше Валтер Таварес, на 29 април, на почетокот од четвртфиналната серија од Евролигата против Хапоел. Интернационалецот од Зеленортските Острови, висок 2,20 метри помина само две минути и 47 секунди на теренот пред да биде принуден да замине поради повреда на медијалниот лигамент на левото колено. Тој ќе ги пропушти сите натпревари до крајот на сезоната.
Потоа дојде на ред Алекс Лен и неговиот проблем со левото стапало. Искусниот Украинец се повреди на натпреварот од домашното првенство против Бреоган на 10 мај, во меч во кој играше одлично – имаше 17 поени и 9 скока.
Сè кулминираше синоќа, на полуфиналниот дуел во Атина. Реал одигра одлично и ја елиминираше инспирираната Валенсија на крилјата на Марио Хезоња, но се повреди и 24-годишниот Усман Гаруба.
На почетокот од последниот период, Гаруба се најде на паркетот и беше јасно дека не може да го продолжи натпреварот. Првичните информации укажуваат дека станува збор за сериозна повреда на Ахиловата тетива, која би го одвоила кошаркарот од терените долго, долго време, можеби и до крајот на идната сезона.
Финалето од Евролигата се игра утре од 20 часот, а Реал ќе мора без центар да се обиде да дојде до својот 12. трофеј во елитното натпреварување.


