Четврти пат во историјата и прв по 13 години, Олимпијакос е европски шампион откако во вечерашното финале на Евролигата го совлада Реал со 92-85.
Со тоа му се одмазди на мадридскиот клуб за поразот во 2023 година, а трофејот го освои во арената во која игра неговиот најголем ривал Панатинаикос. Пред повеќе од 19 илјади гледачи и пеколна атмосфера, Олимпијакос дојде до победата благодарение на одличната последна четвртина која ја доби со 31-20 и направи пресврт, вреден титула.
Реал беше подобар тим во голем дел од натпреварот, отвори со 15-3 за Олимпијакос да се врати во вториот период и на голем одмор да замине со 46-44. „Кралевите“ ја вратија доминацијата во третата четвртина, отидоа на 65-59 и имаа серија од 10-0, па се чинеше дека ќе знаат како да го приведат натпреварот кон крај.
The 🏆 ceremony @Olympiacos_BC #F4GLORY pic.twitter.com/6uZdQhEsxb
— EuroLeague (@EuroLeague) May 24, 2026
Олимпијакос не дозволи такво нешто, успеа да се врати во игра, а шампионот на Европа се решаваше во последните две минути. Откако Хезоња со тројка израмни на 80-80, грчкиот првак направи серија од 8-0 на околу 40 секунди пред крајот. И тука не беше готово, неколку лоши реакции во одбраната му овозможија на Реал да се врати на 85-88, но сепак немаше време за сензационален пресврт.
Фурние беше најефикасен во победничкиот тим со 20 поени, додека Лајлс го предводеше Реал со 24 поени од кои 21 во првото полувреме.
На овој начин, Олимпијакос го скрши проклетството бидејќи стана првиот тим откако се игра по сегашниот систем кој ја освоил титулата во Евролигата по прво место во основниот дел од сезоната. Од друга страна, Реал по четврти пат во последните пет години играше во финалето од Евролигата, но остана на само една победа во натпреварите за титулата.


