Иако го освои четвртото место во штотуку завршената сезона од македонското кошаркарско првенство, ТФТ и претстојната натпреварувачка кампања ќе ја претставува нашата земја во АБА 2 лигата.
Учеството е веќе потврдено од највисоките функционери во АБА, а доаѓа како награда за првото место во основниот дел од првенството во Суперлигата и пласманот во финалето од АБА 2 оваа сезона. Токму статусот финалист го крена угледот и имиџот на ТФТ без кого сега не може да се замисли регионалното натпреварување, а атмосферата што ја приредуваат клубот и неговите навивачи е по мерак на сите инволвирани во него.
Со оглед на тоа што македонското првенство заврши претходниот викенд, уште е неизвесно кој би можел да му прави друштво на ТФТ. Многу веројатно вториот тим ќе биде шампионот МЗТ Скопје кој има долг стаж во оваа лига, а дали ќе има и трет претставник, ќе се знае дополнително.
Пелистер оваа сезона ја почна во квалификациите за Лигата на шампионите и потоа играше во групната фаза од ФИБА Европа купот, додека Маџари има историска шанса, првпат да се појави на меѓународна сцена.


