Кошаркарите на Будуќност се изборија за трет и одлучувачки натпревар од полуфиналната пресметка во АБА лигата, против Дубаи.
Возбудлив натпревар се одигра во Морача, каде што кошаркарите на Будуќност се протнаа низ иглени уши до триумфот од 91-90 над Дубаи. Тоа беше втор натпревар од полуфиналната серија на АБА лигата, чиј победник ќе биде познат дури по „мајсторската“ што црногорскиот тим едвај успеа да ја избори.
Избраниците на Андреј Жакељ се мачеа, иако постојано ја негуваа предноста што ја стекнаа на почетокот од втората четвртина до крајот. Најголемата разлика ја достигнаа на преминот од третата во четвртата четвртина, но домаќините речиси ја пропуштија во последните секунди. Дубаи имаше шанса за победа, во последната минута успеа да ја надомести негативата од шест поени и да се спушти на само половина кош од противникот. При последниот напад, топката беше во рацете на Џастин Андерсон, кој не погоди шут за тројка и пропушти можност вечерва да го однесе тимот од Обединетите Арапски Емирати во финалето.
Затоа, Партизан ќе мора да почека уште три дена на својот противник во финалето, каде што ќе ја брани титулата освоена минатата година по големиот триумф над Црвена Звезда. „Мајсторката“ помеѓу Дубаи и Будуќност е закажан за четврток, 28 мај, во 20:00 часот.


