И покрај загубеното финале, Маџари има многу причини за задоволство по штотуку завршената сезона во Суперлигата.
Екипата што сите ја гледаа како кандидат за испаѓање, стигна до серијата за титулата, остварувајќи нешто што не му успело на ниеден дебитант во елитната конкуренција. МЗТ се покажа како преголем залак, но клубот од источното предградие на Скопје сепак е најпријатното изненадување и најголемото освежување во домашната кошарка. Неадоволство нема ни кај тренерот Миодраг Тодоровиќ, најмлад во струката во Суперлигата, кој најавува уште подобри денови за Маџари.
„Вчерашниот натпревар беше доказ дека на секој меч даваме 100% од нашите можности и се бориме до крај. Му честитам на МЗТ за освоената титула.
За сезоната можам само да им се заблагодарам на сите поврзани со клубот, пред сѐ играчите, стручниот штаб, навивачите, управата и сите вклучени луѓе. Почнавме со скор 0-4, но не се откажавме, трениравме напорно од ден во ден, а потоа се смени сезоната и врзавме победи. Влеговме во плејоф каде што никој не ни даваше шанси ни за влез во топ 4, а ние го направивме токму тоа. Потоа следуваше пресметката против фаворизираната екипа на ТФТ, која имаше маестрална сезона, но и тука докажавме кои сме и од каков карактер сме составени.
Во финалето, по повредата на Џавон, дадовме максимум, секој играч го даде сѐ што имаше за овој клуб и затоа сум им благодарен до максимум. Маџари само што почна, најдоброто допрва следува!“, порача Тодоровиќ.
Остварениот резултат оваа сезона предизвикува големо задоволство, но во исто време е и обврска за претстојната натпреварувачка кампања во која од Маџари ќе се очекува барем да го повтори овој успех.


