Многумина сезонава го видоа ТФТ како тим кој е способен да ја прекине доминацијата на МЗТ Скопје во домашното првенство.
Тимот од Тафталиџе играше одлично и бележеше фантастични резултати до последните недели од сезоната кога се случи неочекуван колапс кој го оневозможи да се бори за шампионскиот трофеј, на општо изненадување на љубителите на кошарката во земјава. Играњето на два фронта во клучниот дел од сезоната се покажа како преголем залак иако никој не може да му забележи на ТФТ што се обиде да оствари историски резултат и што повторно отиде чекор подалеку, овојпат на меѓународна сцена.
Три дена по последниот натпревар во сезоната, откако стана јасно дека ТФТ повторно ќе игра во АБА 2 лигата, полека стивнуваат импресиите, но анализите допрва следуваат. Тренерот Боро Смилковски во секој случај е задоволен од прикажаното на секое поле.
„Ролер-костер сезона исполнета со многу предизвици, сезона сшто сигурно ке ја паметиме. Тенка е линијата помегу успехот и разочарувањето, меѓутоа лично сигурно една од најдобрите сезони во клупската историја, финале на АБА 2 лигата и прво место во првенството во регуларен дел и по плејофот.
Се уште се е свежо, сигурно е дека треба да се направат исцрпни анализи, меѓутоа сум убеден дека се дадовме 200% од сите аспекти да го материјализираме историскиот успех со пласман во АБА 1 и да се бориме за дебитантска титула во првенството“, рече Смилковски.
Падот во формата на ТФТ дојде во самиот финишот од сезоната која тимот ја заврши со осум порази на последните девет натпревари. Веројатно ни во клубот не очекуваа такво темпо, а и календарот не му беше наклонет на поранешниот освојувач на Купот на Македонија.
„Енормниот фонд на натпревари во последните два месеца придонесе физички да бидеме исцрпени, финалето на една топка со Широки влијаеше и на психолошки план, едноставно емотивно не испразни што сметам дека е клучен фактор што на крајот не успеавме да се избориме барем за еден трофој во некое од натпреварувањата. Но, сигурно сме горди на сезоната и верувам дека сите научивме многу од истата, нешто што на долгорочен план треба да го претвориме во искуство и резултат понатаму.
Иако натпреварувачки завршена, сезоната за нас организациски се уште не е и ни претстои логистичко делување во однос на затворање на тековната кампања како и плански активности за претстојната, процес кој веке е отпочнат.
Имајќи предвид дека веќе добивме потврда за учество во АБА 2 лигата за претстојната сезона (како прворангиран тим после регуларниот дел и плејофот) активностите ќе бидат во насока на формирање на ростер и подобри услови, посилна организација во насока на етаблирање на ТФТ како сериозен проект во домашни и регионални рамки“, додаде „шефот“ на ТФТ.
Во однос на тимот кој ќе ја почне идната сезона, јасно е дека сите домашни кошаркари се под договор со тоа што се очекува одлуката на Виктор Ташовски дали ќе остане или ќе одлучи да замине во странство. Од останатите теми, неизвесно е и дали лидерот на тимот Говенс ќе игра уште една сезона или ќе ја заврши кариерата што исто така е исклучително важно прашање. Процесот е почнат и кон средината на јуни би требало да се знаат најголем дел од работите и да се наѕираат контурите на екипата за новата сезона.


