Актуелниот шампион на Италија, Виртус обезбеди пласман во полуфиналето од домашниот плејоф откако вечерва, во „мајсторката“ го совлада Тренто на Андреј Јакимовски со 106-95.
Тренто одлично се држеше три четвртини, во третиот период водеше и со седум поени разлика (74-67), а по 30 минути игра имаше 79-76. Колапсот се случи во последниот квартал кога Виртус направи серија од 13-0 и од негатива од два разлика, отиде на недостижни 93-82. Во тие моменти се разигра Едвардс, а застана Стјуард кој во првите три четвртини постигна 31 поен за Тренто. Во последните минути, кога мечот беше решен, Стјуард стигна до 38, додека Едвардс заврши со 31.
Својата шанса, Тренто ја пропушти на четвртиот натпревар во кој влезе со водство од 2-1 и можеше пред своите навивачи да ја реши серијата и да влезе во полуфиналето. Вака, Виртус оди меѓу четирите најдобри и во следната фаза ќе се сретне со Венеција која беше подобра од Тортона со 3-2. Втората двојка ја сочинуваат Бреша и Олимпија Милано.
Што се однесува до Јакимовски, тој вечерва постигна шест поени за 16 минути во игра, а не е исклучтено денешниот натпревар да е последен за него во дресот на Тренто.


