Чави Пасквал си заминува од Барселона на крајот од сезоната, објави клубот и покрај тоа што трофејниот стручњак требаше да биде лидер на новиот проект.
Најавено е дека тој ќе го преземе Дубаи од идната сезона, но засега нема официјална потврда од ниедна страна. Како наследник на Чави Пасквал последните денови се спомнува Жељко Обрадовиќ.
„Барселона објавува дека тренерот Чави Пасквал го информирал клубот дека на крајот од тековната сезона ќе ја активира клаузулата за раскин на договорот што го обврзува до 2028 година.
На овој начин, стручњакот од Гава ќе го заврши својот втор мандат на клупата на кошаркарската секција на Барселона, кој започна на 17 ноември 2025 година, во време кога тимот беше во комплицирана ситуација. Барселона му се заблагодарува за неговата работа во последните месеци и му посакува многу среќа во остатокот од кариерата. Сите страни сега се фокусирани на заедничката цел – освојување на титулата во АЦБ лигата“, пишува во соопштението од Барселона.
Каталонскиот клуб го очекува уште едно турбулентно лето бидејќи заминување најави и спортскиот директор Хуан Карлос Наваро и веќе се работи на ангажирање негова замена.


