Претстојниот викенд се играат последните завршни турнири во младинските лиги во Македонија, а потоа почнуваат обврските на репрезентациите кои летово ги очекуваат нови настапи на европска сцена.
Кошаркарската федерација на Македонија денеска ги објави имињата на новите селектори на младинските селекции кои ќе се потрудат да ги вратат репрезентациите во А-дивизиите. На У20 селекцијата, предводник ќе биде Никола Велев, У18 ќе ја води Миодраг Тодоровиќ, а У16 му е препуштена на Дејан Стојановски.
Велев последните две сезони ги помина во Романија откако претходно долго време беше дел од стручните штабови на МЗТ Скопје и ТФТ. Велев е член и на сениорската репрезентација каде работи како соработник на селекторот Жосеп Марија Берокал, заедно со Ѓорѓи Кочов.
Тодоровиќ е млад стручњак кој последната сезона доживеа полна афирмација како тренер на Маџари. Направи огромно изненадување со пласманот во големото финале и со оглед на тоа што има неполни 29 години, јасно е дека му претстои светла иднина. Тој беше во стручниот штаб на сениорската репрезентација на претходниот селектор Марјан Илиевски, во претквалификациите за Светското и потоа за Европското првенство.
Дејан Стојановски е роден и работи во Германија и има голем успех во младинските категории. Пред две години со Олденбург ја освои титулата во кадетска конкуренција што беше прв трофеј во историјата на клубот во оваа категорија.
Сите три репрезентации летово ќе учествуваат во Б-дивизиите од европските првенства. Кадетите се во улога на домаќини во Скопје и Гевгелија од 6 до 15 август, јуниорите одат во Хрватска од 24 јули до 2 август, а младинците во Словачка од 10 до 19 јули.


