Уште една година во македонската кошарка поминува во доминација на МЗТ Скопје кој во последните осум месеци комплетира нова тројна круна.
Од доаѓањето на Васко Атанасов на тренерската позиција, клубот од Аеродром не испушти ниеден трофеј, тоа е веќе четврта сезона во која МЗТ доминира и покрај тоа што во текот на првенството имаше назнаки дека екипата го губи тлото под нозете и дека би можела да биде симната од врвот. Младиот струмички стручњак е задоволен од постигнатото, со мала забелешка која се однесува на настапот во АБА 2 лигата.
„Турбулентна сезона која за нас сепак заврши со тројна круна, освоени Суперкуп, Куп и шпрвенство, целите кои ни беа зацртани пред почетокот. Имавме два различни делови во сезоната која за нас беше исклучително тешка и исполнета со повреди на играчи кои во тие моменти беа лидери на тимот. Мора да напоменам дека сезонава МЗТ Скопје не одигра ниту еден единствен натпревар во полн состав и со сите играчи на располагање.

Јасно е дека бевме подобри во првиот дел од сезоната, отколку во вториот. По доминантно освоениот куп во Куманово имавме период на пад во играта, првично поради тешките повреди на Војдан Стојановски, Илајџа Мекејден, Андреј Маслинко, Андреј Магдевски, Мек Смит и на крај во плејоф на Бојан Крстевски. Во еден период дури четворица кошаркари од стартните пет беа надвор од строј. Сепак, шампионскиот менталитет дојде до израз при крајот и екипата се издигна над се да ја освои титулата, момент коj сите знаевме дека ќе дојде и дека е само прашање на време.
Горчлив вкус на инаку успешната сезона за нас даде пласманот во АБА 2 лигата во која одигравме под можностите на неколку натпревари и тоа скапо не чинеше. Но, сепак тоа беа за нас некои лекции од кои ќе учиме за во иднина. Моментално се работи на формирање на тимот за следната сезона, првично со обезбедување на играчите кои се дел од костурот на тимот кој, секако, како и што му доликува на тим како МЗТ повторно ќе ги има највисоките цели и амбиции“, изјави Атанасов за КОШ.МК.
Во периодот што следува ќе се знае дали МЗТ Скопје и претстојната сезона ќе настапува во АБА 2 лигата. Карактеристични за клубот претходните години беше тоа што прашањето околу играчкиот кадар го решаваше мошне рано, уште на почетокот на летото, со можност подоцна ростерот да биде дополнително засилен.


