Составот на екипите во Евролигата претстојната сезона би можел да остане ист откако денеска освојувачот на титулата во Еврокупот, Бург се откажа од настапот во елитното натпреварување.
Место настап во Евролигата, кој им следуваше поради триумфот во второто натпреварување по квалитет, францускиот тим потпиша договор за учество во Еврокупот на 3+2 сезони. Ова значи дека во Евролигата осгануваат Париз и Монако чии места „висеа“ затоа што во елитното натпреварување влегоа исто така преку триумф во Еврокупот.
„Бург го достигна врвот на своето патување со освојувањето на Еврокупот на 28 април. По овој успех, клубот внимателно ја истражи можноста за приклучување кон Евролигата. Дискусиите опфатија финансиски, организациски и структурни фактори. Сфативме дека не можеме да го направиме овој чекор, бидејќи тоа би ги загрозило темелите што беа поставени одамна. По проценката, одлуката беше донесена во согласност со Евролигата“, се вели во соопштението на Бург.
Францускиот тим направи сличен потег како Гран Канарија во 2023 година. Шпанскиот клуб, исто така, се повлече од Евролигата поради финансиски причини откако го освои второто по ранг европско натпреварување.


