Екипи со четири странци во машкиот и три во женскиот шампионат на Македонија се минато откако Кошаркарската федерација донесе револуционерна одлука за намалување на бројот на странски кошаркари во овие конкуренции.
На вчерашната седница на Управниот одбор, донесена е одлука максималниот број на странци во машката Суперлига да изнесува тројца, а во женската Прва лига две кошаркарки. Во македонската Прва лига мажи, останува во сила решението од минатата сезона, односно право на настап да има еден странски кошаркар. Тоа е стратешки потег на КФМ за што поголема афирмација на македонските играчи кои не добиваат доволно време за напредок во домашното првенство.
„На седницата на Управниот одбор беше донесена одлука за намалување на бројот на странски играчи кои можат да настапуваат во ростерите на клубовите, со јасна цел – поголем простор за развој на домашните играчи и дополнително зајакнување на македонската кошарка“, објасни Кошаркарската федерација на Македонија.
Претстојната сезона ќе има поголем фонд домашни кошаркари на располагање бидејќи Суперлигата е скратена и место 12, ќе учествуваат десет екипи. Дел од слободните играчи ќе можат да се распоредат во суперлигашките тимови, на местата ослободени од еден странски кошаркар.


