Откако во текот на денов кадетките на Вардар ја освоија титулата во својата категорија, истиот успех вечерва го повторија и кадетите од истиот клуб.
Вардар е нов шампион во кадетска конкуренција и кај момчињата кои во драматичното финале го победија Водно Санс со 90-86. Интересно е тоа што во текот на натпреварот Водно Санс водеше и со 11 поени разлика, додека највисоката предност на „црвено-црните“ беше конечниот резултат.
Водно Санс одигра одлично прво полувреме во кое често имаше и двоцифрена разлика во своја корист, а тогаш ја достигна и највисоката (35-24). Вардар се врати во игра кон средината на третиот период кога со серија од 8-0 поведе со 66-63 и потоа до крајот се водеше жестока битка. Победникот се решаваше во последната минута во која се влезе со 86-86. Прво Трпчевиќ го доведе Вардар во водство, а откако Водно Санс не искористи два шута за израмнување или водство, Кермичиев од линијата за слободни фрлања стави точка на мечот.
Чадиновски со 22 поена го предводеше Вардар, но се истакна и Џолев со 16 поени и 13 скока за индекс 26, највисок на натпреварот. Ангеловски беше најефикасен кај Водно Санс со 22 поена, но и со многу лош шут од игра, 8/29 вклучувајќи 1/11 за тројка.


