Пред почетокот на финалната серија од грчкиот плејоф против Олимпијакос, кој стартува утре во 20 часот, Панатинаикос има јасна цел – да направи брејк во арената „Мир и пријателство“. Освојувањето на титулата е единствениот начин „детелинките“ донекаде да се извадат пред своите навивачи за исклучително неуспешната сезона.
Сепак, покрај борбата за трофејот, главна тема во грчката кошаркарска јавност и меѓу навивачите на Панатинаикос е иднината на клупата на седумкратниот европски шампион. Шпекулациите се се погласни за враќањето на едно име – Жељко Обрадовиќ.
Иако менаџерот на познатиот тренер, Александар Рашковиќ негира дека имало какви било контакти со атинскиот клуб, се чини дека враќањето на Обрадовиќ станува се поизвесно. Според грчките медиуми, на најтрофејниот европски стручњак му е понуден двегодишен договор вреден неверојатни 10 милиони евра.
Таквиот договор не само што би го направил Обрадовиќ најплатен тренер во Европа, туку би го изедначил и со тренерите во НБА во однос на приходите. Се верува дека великодушната понуда од сопственикот на клубот Јанакопулос е и јасна порака до играчите за тоа кој ќе има апсолутен авторитет во тимот.
Како што се очекуваше, ниту Панатинаикос ниту Обрадовиќ засега не ги потврдуваат преговорите, првенствено поради финалната серија и од почит кон сегашниот тренерски штаб.


